Де факто фиксен курс или фиксен на „жими мајка„

Тоа што единствено беше смирувачки и перфектно  точно во она претпразнично  „стампедо„, што по медиумите го извршија гувернерот Богов и режимската економска булумента,  е изјавата дека следуваат 4 денови во кои банките нема да работат. За жал, празниците завршуваат и вторник е работен ден. Доаѓа мачниот вторник или понеделник вечер кога сите повторно ќе почнат да ја имаат истата главоболка околу своите заштеди.

1. Граѓаните и останатите економски агенти не им веруваат на институциите, пред се оние кои по устав треба да се независни, а со тоа и на НБРМ.

На почетокот за да на сите кои не се економисти им стане минимум појасно, мора кратко да го објаснам насловот. Во него е суштината на сегашнава и сите претходни слични пореметувања во монетарната сфера. На неколку пати тоа најексплицитно сум се обидувал да го објаснам и јас, но за да нема никој дилема дека јас сум субјективен, ќе го парафразирам ексгувернерот проф. Љубе Трпески, како човек кој им бил учител и/или уште поважно шеф на Богов, Ставрески и останатите режимски економски разгласи кои се појавуваат на повик овие денови. Трпевски најчесто тоа го објаснува вака:  Во светот најголемиот број земји употребуваат режим на раководено флуктуирачки девизни курсеви, една помала група земји употребува режим на слободно флуктуирање (без лимити) и една помала група земји има режим на фиксен (со закон) курс. Каде сме ние? Во ниедна од овие групи. Ние по закон имаме флуктуирачки курс, а во практика водиме политика на де факто фиксен курс.

Што со други зборови ова кажува? Ова кажува дека во Македонија не постои режим на фиксен курс кој е регулиран со закон и е наведено на пр. дека еврото се менува во однос 1 спрема 61,5 денари. Немаме ниту валутен борд кој слично како и со законското решение гарантира одржување на фиксен курс. Ние всушност имаме режим на фиксен курс на „жими мајка„  кажана од страна на монетарната власт т.е.во овој момент од Богов. Всушност, Богов може да ја смирува ситуацијата касно до ноќта на некоја тв станица, а утредента наутро да му се сони и да осамнеме со нов курс.  Најголем број од луѓето ова го знаат на ваков или онаков начин. Гледајќи дека сите институции во оваа држава од секогаш се само алатка во рацете на режимот,  а посебно сега кога не се бираат средства  за нивен спас, тие неможат а да не се сомневаат дека во таква состојба, без разлика на економските параметри за кои исто така и јас потврдувам дека не покажуваат никаква реална основа за девалвација, сите опции не се отворени. За оние кои поодамна ја следат неговата активност на јавната сцена тоа е сосема јасно. Но тоа посебно станува реално за граѓаните и другите економски агенти кога ќе видат дека гувернерот е голем „шегобиец„ и дека е подготвен да исконтаминира цел еден настан на Македонската берза користејќи го за вулгарна пресметка со некои борци против режимот. Уште појасно е кога и во неговите последни, а воедно задоцнети настапи околу оваа состојба, секогаш провејува политичкото обвинување дека за се што се случува лошо во оваа држава, криви се соросоидите, опозицијата и „албанските терористи„. Поврзувањето на сегашнава состојба со онаа лани околу настаните во Диво Насеље укажува дека гувернерот црпи пи-ар мотиви исклучиво од еден дневен весник кој може да се преименува во „Внимание, говорит Москва„. Но за тоа понатаму.

2. Кризата трае од поодамна, а притисокот врз банките започна баш кога владините трубадури почнаа да излегуваат со теориите за светски заговор против Македонија и нејзината „патриотска и чесна„ власт.

И тука да немаме дилема. Ако објавувањето на снимените разговори некој го става како почеток на последната криза во Македонија, тогаш таа трае повеќе од година дена. Власта, па за жал и гувернерот, со нивната ментална матрица неможат да „сварат„ дека имаат опозиција (пред се имам право да зборувам за онаа партиската околу СДСМ) која никогаш нема да искористи подмолен момент со кој ќе и наштети на државата и нејзините граѓани. Тие изгледаат бедно кога се обидуваат да најдат барем една изјава од било кој партиски преставник заклучно со мене, кој на било кој начин ја подгревал даденава состојба. Многумина ни велеле дека треба да се искористи моментов, дека една изјава на дополнителниот заменик министер или пак лидерот на опозицијата, може да предизвика невидено стампедо кон банките кое ќе создаде целосен хаос. Нивниот аргумент кој несомнено држеше, беше неспорниот факт дека во обратна состојба, овие луѓе немаше да бираат средства. Но,  како и во многу други ситуации, ние не би докажале дека не сме исти како нив ако постапевме поинаку отколку како во даденава ситуација. Напротив, опозицијата и сите економисти кои го критикуваат режимот беа постабилизирачки фактор отколку гувернерот и власта кои чекаа нестабилноста да влезе во повисока фаза. Повисока фаза, бидејќи е факт дека некои банки го менуваа еврото по курс 61,9 иако гувернерот тврдеше дека максимумот е 61,75. Факт е дека скоро сите банки одложено ги исплаќаа и најмалите депозити кои некој сакаше да ги повлече. Дали и со таа задоцнета реакција сакаа до добијат политички поени и на некому да му овозможат заработувачка, набрзо ќе се дознае. Но, тоа се тие!

Инаку, никој неможе да им забележи на некои поединци кои отворено ќе ја соопштат својата одлука дека персонално решиле да ги повлечат своите пари од банка затоа што не сакаат да ја финасираат оваа власт со свои пари. ( Впрочем во вторник владата треба да исплати 100 милиони евра хартии од вредност кои доспеваат). Но, замислете колку е кревка оваа власт ако со сета своја медиумска машинерија и аргументи неможе ова да го порекне? Обвинувањето пак, на некои портали е во доменот на крајно лицемерие.

3. Што понатаму со моите заштеди?

Ова ми е најчестото прашање кое деновиве  ми се поставува директно, индиректно и преку сите можни канали на комуникација. Секогаш велев дека за своите пари секој сам мора да си одлучува. Не ги гледав сите дебатни емисии и незнам дали гореспоменатите актери некој ги праша што тие прават и мислат да прават со нивните заштеди. Пред уште малку да подобјаснам, јас веднаш ќе ви кажам дека нашата заедничка заштеда со мојата сопруга е објавена во мојот анкетен лист и целосно е во банка како денарски депозит.Немам инвестирано ништо во странство, и немам никви недвижнини ниту во Европа, САД или било каде надвор од Македонија.

Дали треба да се плашиме од девалвација? Јас одговорно тврдам дека според сите економски показатели не постои притисок за девалвација и девалвација не треба да има. Но, ќе мора да се вратите веднаш погоре на точка еден. Јас одговорно тврдам дека аболицијата е незаконска, ама таа е на сила. Јас одговорно тврдам дека обвинетите од СЈО мора да се во притвор, ама тие се на слобода…. Јас одоворно тврдам дека неможе да се прават нови аукции за задолжување на домашниот пазар без согласност на дополнителниот заменик министер, ама министерот секој вторник дискреционо не задолжува.

Одлуката е Ваша во секој случај. Она што тука на мојата страница можам да го напишам исклучиво доколку можете да ме разберете како граѓанин е следното. Од поодамна сум размислувал дека со трендот на опаѓање на каматите на денарските депозити кои галопирачки се доближуваат до оние девизните, за разлика од тоа што порано беа повеќекратно поголеми, може да се размислува за некој тип на разводнување на ризикот. Имено, кога ќе утврдите дека каматната стапка на денарскиот депозит не го покрива ризикот од ваквите т.н. валутни ризици или едноставно речено „психоза на можна девалвација„, првиот чекор е да размислувате да го разводните ризикот. На пр. 30 до 50 отсто од денарите да ги конвертирате во друга валута. И толку. Ако некому нешто значи, кога јас би ја направил промената, ветувам дека тука на истово место ќе ви соопштам. Меѓувремено прашувајте ги сите оние јавни личности почнувајќи од Богов, Груевски, Ставрески, Пешевски …, па до експертите блиски до фамилијата, а и други економисти кои се произнесоа на темава вака јавно да ги соопштат своите типови на штедење и идни чекори.

П.С. Целава нестабилност започна тогаш кога најексплицитно во дневниот весник кој слободно може да се крсти како „говорит, радио Москва„ почна да се изнесуваат тези кои покрај лошиот препис, имаат и страшна доза на панична решеност за пресметка со западните империјалисти и нивните домашни шпиуни. Затоа драги пријатели, ова што се случува кај нас и мора да има разрешница набрзо, во принцип е избор помеѓу тоа дали ќе успееме да ја вратиме државата кон изградба на перспективна, слободна и демократска држава или ќе ја дозаглавиме во некое руско гето. Или преведено на темата од горе, дали ќе одиме кон некој тип на „рубљовски„ девалвационен ситем или пак нешто друго.

П.П.С. Со Богов комуницирам. Писмено и службено. Она на берза е само домашно воспитание. Тој незнам дали намерно заборавил, но, веќе месеци наназад како дополнителен заменик министер очекувам одговор дали НБРМ како агент на МФ, ги известил клиентите за повлечената аукција, која МФ ја распиша задоцнето, а потоа и ја повлече.

На крај мора да завршам пак со еден Русин. ( за оние што не го знаат ќе ги оставам да го побараат за да го прочитатат неговото дело).  Тој во својата книга во која покрај другото, на свој начин ја раскажува приказната за Понтија Пилат, дава многу точно и историски докажано тврдење:

-Ракописите никогаш не горат!

 

 

 

Posted in Uncategorized | Напишете коментар

5 октомври, 15 септември и 24 април

Највероватно и без соодветните години, овие датуми на многумина ви се јасни по своето значење. Сепак за потсетување се мисли на 5 октомври 2000, 15 септември 2002 и 24 Април 2016. Да тргнеме редоследно.

Во Србија постои еден режисер со име Кокан Младеновиќ кој верувале или не поради едно свое интервју деновиве доби кривична пријава за кривично дело – Повикување на насилно уривање на уставниот поредок. Веднаш  после него уште двајца интелектуалци (Весна Ракиќ Водинелиќ и Дејан Илиќ) кои со свои текстови на сајтот Пешчаник го подржаа Младеновиќ добија исти кривични пријави заедно со уредничките на самиот сајт.  Кокан Младеновиќ како еден од поголемите критичари на режимот на Вучиќ  даде интервју за еден сајт под  наслов “Волкаво зло мора да биде угушено во крв, `90 -те дојдоа за наплата„.  Како инкриминирачки реченици во тоа интервју му се наведуваат изјавите каде тој вели : „Јас колку и да биде лошо тоа да се каже, патам што тој 5 октомври беше мирна револуција. Мислам дека толкаво зло мораше да биде угушено во крв. И мислам дека крвта ни се приближува во секој смисол„.  Интервјуто завршува со следното прашање на новинарот и одговорот на режисерот: „Дали мислите дека таа крв ќе ни се случи? – Не мислам, јас се надевам дека ќе се случи„.

Во тој момент се с`снуваат режимските кучиња и заштитници на ликот и делото на Вучиќ и поднесуваат кривична пријава против Младеновиќ. Кога други интелектуалци пишуваат дека се сложуваат со Младеновиќ и дека начинот на владеење со кој се служи партијата на власт на чело со нејзиниот претседател, по се што може да се види, нужно води кон насилство како единствено средство да се разрешат политичките и социјалните тензии во Србија, добиваат исти кривични пријави од исти или нови чувари на Вучиќ. Во своите дообјаснувања Младеновиќ понатаму вели дека во принцип тој објаснува дека му е жал што на 5 октомври покрај Милошевиќ, никој од неговото опкружување не ја добил соодветната казна. Дека таа пропуштена шанса да во тоа време и некои други како Вучиќ или Николиќ не го изгубиле правото, не на живот, туку на политичко или граѓанско делување, денес ја чини Србија да заглиби во најтемниот период на авторитарно владеење.

По оваа логика од погре, колку ние можеме да жалиме за 15 септември? Ако ме прашате мене гледајќи од оваа дистанци, јас искрено жалам. Тој не можеше да биде крвав бидејќи тоа беа мирни избори со сосема мирен трансфер на власта. Но жалам што потоа не следеше санитарна политичка и правна операција со која ќе се расчистеа барем тогашниот плац на Водно, ОКТА, приватизацијата на Телеком и НПК. Ако тоа се случеше исто како што српските опозиционери тврдат за кај нив, ние сигурно немаше да влеземе во десетгодишна темнина на диктаторското владеење на оваа фамилија. Многумина од денешниве актери со сигурност заслужено ќе ги имаа изгубено своите „политички права„.

Сега следува 24 април. Заев вели дека со седнувањето на преговарачка маса избегната е крвавата пресметка како начин на разрешување на политичките и социјалните тензии во Македонија. Ќе се направи нова  голема историска неправда ако некогаш подоцна некои идни генерации повторно жалат зошто после 24 април не се извршила санитарна операција. Посебно што имам чувство дека со тоа ќе се сложат и ќе го бараат и самите членови на ВМРО – ДПМНЕ кои чувствуваат дека денес партијата им  е ставена во прангии и е претворена во обично здружение на обожаватели на Груевски и фамилијата.

Posted in Uncategorized | Напишете коментар

Парите (а најмногу оние буџетските) се отепувачка

Подготвеноста на актуелната власт во Македонија да се бори за да остане на својата позиција дури и по цена на физичко истребување, единствено мора да се бара во дискрецијата да располага со јавните односно народните пари. Груевски заедно со својата фамилија и пред се со амин на Ставревски, минатите десет години успеаа да потрошат со свој потпис околу 30 милијарди евра, пари собрани од граѓаните на оваа држава. Нетранспарентниот начин на трошењето на овие пари е базата за коруптивното однесување на оваа власт. Сите афери за кои слушнавме и посебно оние кои ќе се разоткриваат во периодот кога власта ќе падне, ќе покаже дека најмалку 10 до 15 проценти или околу 4 милијарди евра преку коруптивните канали завршиле на сметките на блиските до фамилијата и клиентелистичката фукара.
Која е гаранцијата дека оние следните нема да бидат исти?
Постои само една гаранција, а тоа е волјата да направите систем во кој функциите нема да бидат примамливи. За било која државна функција да стане неатрактивна за било кој партиски војник, постои едно единствено и едноставно решение: цивилна контрола на трошењето на јавните пари. Во СДСМ тоа го расчистивме и излегуваме со сосема јасен концепт. Сега би нафрлил само неколку поенти кои многу упростено и се надевам разбирливо би се обидел да ви ги доближам.
Доколку СДСМ ја добие довербата да ја води идната влада веднаш ќе воспостави систем за транспарентност на исплатите од страна на сите институции кои трошат буџетски средства. Тоа подразбира дека сите министерства, агенции, јавни претпријатија или било кои други институции кои буџетски се финансираат, ќе мораат секои 14 дена да ги објават на својата веб страница сите исплати по сите можни основи кои се оствариле во изминатите 14 дена. Значи, во петок до 16 часот, секоја институција ќе мора да ги наведи правните и физичките лица на кои им е извршена исплатата, основот по кој е извршена таа исплата заклучно со датумот на доспеаноста на обврската и сумата на исплатените средства. Ова подразбира табела на сите потрошени пари од овие институции почнувајќи од оние најголемите врз основа на големите набавки, па заклучно со тоа каде министерот, директорот или раководното лице ручало или вечерало на сметка на државата во наведениот период.
Ваквиот систем на транспарентност ќе овозможи јавна односно народна контрола на секој потрошен народен денар најдоцна 7 односно 14 дена откако тоа ќе се реализира. Тоа веднаш ќе го анулира рекетирењето врз компаниите кои сега со провизии си ја купуваат исплатата на своите доспеани фактури. Компаниите повеќе нема да се „лажат„ дека си должат меѓусебно со оправдание „чекам да ми плати државата„. Нема да биде потребно никакво „истражувачко новинарство„ за да се утврди кој од функционерите колку пати оди на службен пат, кој лета со вип класа и во каков хотел спие. Овие табели ќе го разголат владеењето на секој функционер од финансиски аспект. Секоја злоупотреба моментално ќе стане достапна за јавноста и ќе биде осудена од нејзе и воедно лесно и брзо ќе добие правна разрешница. Со сигурност веб страниците на сите овие институции ќе бидат најпосетуваните на денот кога ќе излегува најновата објава.
Паралелно со ова, исплатата на субвенциите на земјоделците мора да стане транспарентна на соодветниов начин. Во моментот на исплатата на субвенциите веднаш јавно ќе бидат објавени имињата на субјектите и основот по кој на било кој корисник му биле исплатени средствата. На сосема ист начин УЈП(МФ) ќе ги објавува ДДВ обврзниците на кои им е исплатен поврат на ДДВ во соодветниот период. Овој принцип ќе важи и за сите останати институции и нивните трансфери.
Во моментот кога ќе се направи ваква контрола на располагањето со финансиите, неопходна е и контрола на вработувањата. Секоја од погоре споменатите институции ќе мора да ја објави својата систематизација, името и презимето на секој вработен на соодветното место во дадената систематизација и неговата плата. Во истите термини кога ќе ја објавуваат табелата за извршените исплати, секоја институција ќе мора да ги наведе евентуалните нововработени, да го покаже нивнато место во систематизацијата и секако конкурсот и критериумите по кои тој бил примен. Со тоа во најкус можен рок по доаѓањето на новата власт најпрво ќе се преброиме колку луѓе и кои луѓе во моментов работат (или не работат) и земаат плата од државните пари. Воедно, секој функционер сто пати ќе размисли како ќе преживее во петок во 16 часот кога цела јавност ќе види дека решил да вработи лице по основ на непотизам, пријателство, партиска или бизнис релација.
Кога ќе воспоставите ваков тип на граѓанска контрола на трошењто на јавните пари заедно со транспарентноста при донесувањето на буџетот за што би пишувал во некоја следна прилика, остануваат уште укинувањето на побаналните привилегии за да дојдеме до состојба во која поголем број на луѓе ќе бегаат наместо да се тепаат за некоја функција. На пример, освен можеби премиерот и неколку министри од областа на безбедносните ресори, никој друг нема никаква потреба да има службено возило кое ќе го користи за патување до и од своето работно место. Сите останати министри, директори и останати функционери врз кои има ингеренции владата, без исклучок треба да си користат сопствен превоз до работното место, а користењето на службено возило има основа само доколку во текот на работните активности има исклучиво службена потреба.
За ова и сличните неопходни мерки со кои идната власт мора да се саморазвласти за да бидеме сигурни дека ова зло нема никогаш да ни се повтори, продолжуваме во следната прилика.

Posted in Uncategorized | 1 Коментар

Магарешките атентати на Груевски

Кралот може да владее или да умре. Нема трето. И бившите и сегашните монархии се горди на тоа. Проблемот е кога одредени сатрапи ќе се уфилмаат дека се кралеви. Филмот станува хорор тогаш кога некој знае дека сепак не е вистински монарх и за него постои и трета опција – фер истрага и судска постапка.

Поривот на Груевски да владее доживотно е неоспорен и неприкриен. Неговиот двор заедно со сите дворски шутови кои скокаат по медиумите сигурно деновиве ќе ни соопштат дека една негова пра прабаба од мајкина страна била благородничка со сина крв и кралевска лоза. Тоа за него е единствениот излез бидејќи ако набрзо не се круниса и не владее доживотно, во најдобар случај ќе заврши на обвинителната клупа.
Денес е сосема неважно зошто дел од меѓународната заедница гледа со емпатија кон Груевски. Според нив, барањето за безусловна оставка на Груевски било не фер барање бидејќи оставката би значела негово признавање на сите злодела уште и пред да почне фер судската постапка која сигурно подоцна ќе ја баараат од идната власт. Неважно е дали тие мислат и дека во овој момент е доволно и ако овој режим на Груевски добие само некоја помека варијанта. Впрочем, можеби Јункер сака да мерачи и да удира шамар и на уште еден диктатор помеѓу земјите кандидати, а не само на Орбан како диктатор од земја членка. Тие и немора да веруваат дега Груевски нема да се откаже од власт и после било какви избори и дека за нејзе ќе се држи и со заби но можеби и со крвави раце.
Крвавиот 9 Мај е пресвртница во однесувањето на меѓународната заедница и тоа денес после еден месец никој неможе да го оспори. После 9 Мај не се појави ниту една изјава од типот на оние кои ги даваа амбасадорите на В. Британија, Германија, САД, ЕУ. Обидете се и препрочитајте ги овие изјави и запрашајте се што е подруго денес освен што зад нас се крвавите настани во Куманово.
Не сакам да поверувам дека меѓународната заедница решила со Груевски да се однесува како со мало дете кое доколку добие неколку воспитни на јавна сцена тоа наместо да се смири прави поголеми зулуми па сега решиле да пробаат со арно. Можеби за нив е доволно што го пратиле во ќош и го натерале да повторува неколку пати : јас сум за ЕУ и НАТО, и што веќе месец дена никој не пука и нема мртви. Ама за нас кои ќе мораме да продолжиме да се обидуваме да живееме тука, тоа не е доволно.
Историјата не научила дека она што се случи во Куманово е само една модерна варијанта на Магарешките Атентати од времето на Тодор Александров. Многу крв и одземени животи на невини сиромашни луѓе од сите националности во името на замислена борба за слобода  која довела само до следна неколкудеценијска агонија.
Тоа несмее да се повтори.

Posted in Uncategorized | Напишете коментар

Колачи и чоколадо за Мадам и г. Дефицит

Кога би прашале дали знаете нешто за Марија Антоанета, на многумина прва асоцијација би им била изреката: „Ако немаат леб, нека јадат колачи“. Секако голем дел би ја поврзале и со нејзиниот сопруг Луј Шеснаесетти и Француската револуција. Марија Антоанета денес е повеќе позната по митовите кои се обликувале околу неа, отколку како важна историска личност. Во принцип, постојат два мита околу тоа каква личност била оваа француска кралица.
Според едни, таа е најомразената жена во историјата на Франција. За нејзиното име се врзуваат многубројни афери, прељуби, раскалашеност, екстраваганции, блудни забави и секако расфрлање на даночните пари во луксузни и непотребни градби и расипничко трошење во време кога Франција се наоѓа во најдлабоката економска криза. Во времето на таа криза по нејзина идеја и надзор таа ги гради Petit Hameau и Petit Trianon ( Малиот Тријанон, модел на француско село кое содржело мелница и 12 селски куќи по примерот на оние во Англија и требало да претставува идеализирана верзија на животните услови во француските села). Според историчарите, тука таа нашла свое прибежиште, но и ја чекирала картата за гилотина. Набрзо го купува и дворецот Сен Клу (Saint – Cloud) како свој приватен имот што сака да им го остави на своите деца и за тоа троши вртоглави 6 милиони златни лири. Тогаш помеѓу политичките противници и меѓу народот го добива прекарот Мадам Дефицит (Madame Deficit). Секако, она по што до денес остана препознатлива е изјавата за недостигот на леб во тоа време во Франција. Имено, кризата била толку голема што како никогаш до тогаш во Франција се појавува најголемиот недостиг на леб. Според приврзаниците на овој мит, на забелешката дека народот нема да јаде ниту леб, а таа троши на раскош, Марија Антоанета одговорила: ако немаат леб нека јадат колачи. Пропагирањето на оваа нејзина изјава помеѓу Французите довело до тоа да таа дефинитивно да си го загарантира местото како најомразен лик во француската историја.
Наспроти ова, постои и друг мит што ја опишува оваа кралица во сосема подруго светло. Според многумина, Марија Антоанета или Мадам Дефицит не е виновна за државниот банкрот што и се случувал на Франција во тоа време. Според нив, причините за кризата биле исцрпувачките војни и раскошот во кој живеел целиот двор, а не само Марија Антоанета. Воедно, тие велеле дека најголемиот проблем се приходите, односно дека лошата состојба во која се нашла монархијата произлегувала од неспособноста на аристократијата да прифати поголеми даноци и нови територијални давачки за спас на државата. Некои тврделе дека постојат и докази што произлегуваат од нејзиниот дневник во кој Марија Антоанета најчесто пишувала дека луѓето се однесуваат добро кон неа и покрај нивната лична несреќа и дека има уште поголема обврска неуморно да работи за нивната среќа. Секако, оние кои ја опишуваат Марија Антоанета во ова светло најпрво ја негираат автентичноста на нејзината изјава околу колачите и лебот, или и даваат друг контекст. Според нив, и доколку тоа е нејзина изјава, таа мислела нешто друго. Имено, поради големата криза, најголемиот број од пекарите во Париз произведувале многу малку леб бидејќи заработувачката од него била многу мала, а најголем дел од брашното го трошеле за колачи, кои ги продавале по високи цени. Според овој втор мит, Марија Антоанета сакала да донесе декрет со кој во било која пекарница во која ќе дојде некој граѓанин што сака да купи леб, а притоа пекарите му нудат колачи бидејќи лебот се потрошил, да може да купи колачи по истата цена за која би купил леб. Тоа во буквална смисол значи – ако немаат леб, нека јадат колачи.
Но, тоа се митови и историја, а денес е интересно дали париските колачи и „нашето чоколадо„ се исти? Дали Малиот Тријанон и Сан Клу се исто што и „Скопје 2014„ и се околу него? Тоа ви го оставам вам и тука секој може слободно, па и субјективно да си ја прераскаже горната прикаска во наши услови. Гледано од економски аспект, сигурно е сличен фактот дека ако Франција во тоа време во ликот на Марија Антоанета гледала Мадам Дефицит, ние со сигурност имаме Господин Дефицит во ликот на министерот за финансии.
Овој заслужен прекар нашиот „Господин Дефицит„ може гордо да си го носи без да има конкуренција во ниеден претходен министер за финансии. Се до 2008 година (освен во кризните 2001 и 2002) ниеден министер за финансии не остварил буџетски дефицит поголем од минус 0,9% од БДП. На пример во 2000 година Груевски како министер има и еден од највисоките буџетски суфицити од 2,4% од БДП. ( извор НБРМ). Неговите претходници Поповски и Славевски се движат од суфицити во 2005 и 2007 до дефицит од минус 0,9% од БДП во 2008 година. И тогаш настапува тој, Господин Дефицит со следните резултати: 2009 година – дефицит од 177 милиони евра, или минус 2,6% од БДП; 2010 со дефицит од 171 милион евра или минус 2,4% од БДП; 2011 со дефицит од 187 милиони евра или минус 2,5% од БДП; 2012 со дефицит од 288 милиони евра или минус 3,8% од БДП; 2013 со дефицит од 313 милиони евра или минус 3,9% од БДП и, конечно, 2014 година со буџетски дефицит од 360 милиони евра и надминување на бариерата од 4%, односно буџетски дефицит од 4,2%.
Значи, во минатите шест години Господин Дефицит кумулирал буџетски дефицит од 1,5 милијарди евра. Единствен извор за покривање на дефицитите се задолжувањата и паралено со тоа Господин Дефицит не втурнуваше постојано во нови кредити и долгови за кои дрско бараше аплауз на јавната сцена бидејќи, според него, ги правел по поволни услови. Набрзо ќе се покаже дека земањето на еврообврзницата лани во јули наместо сега кога ЕЦБ вбризгува 60 милијарди евра месечно што сигурно ќе значи драстично подобрување на условите за сите задолжувања бил последниот негов најлош потег. Не беа потребни никакви „бомби“ или “вистини за Македонија“ за да знаеме дека овие пари во најголем дел се потрошени за непродуктивен бетон, бронза, аквапаркови, патеки, уметнички слики. За разлика од Мадам Дефицит, за која постојат и некои митови кои ја покажуваат нејзината добра страна, нашиот господин Дефицит се уште не покажал дека барем се потрудил чоколадите некако да ги подели на сите, а не да ги насочи кон одбраните во и околу фамилијата.
На крајот да завршиме со уште една анегдота, која произлегува од таборот на оние што го креирале митот за добрата и напатена Марија Антоанета. Пред самата смрт нејзиниот исповедник и се обратил со зборовите: „Сега е моментот, мадам, да се наоружате со храброст„. На тоа, таа низ насмевка му одговорила: „ Храброст? Моментот кога ќе се завршат сите мои проблеми, не e моментот кога ќе ме издаде храброста„ . Истите тие велат дека нејзините последни зборови му биле упатени на џелатот кого случајно го нагазила на стапалото додека се качувала на гилотината: „Простете ми, господине.„
П.С. Во текстот се користени цитати од Cronin, Goldsein, Fraser, Lever, Pavicic и др. како и повеќе веб страници .

Posted in Uncategorized | Напишете коментар

Со катализатор од Водно до месечината

Што всушност значи, кога целата владина пропагандна машинерија предводена од премиерот, ќе ни соопшти дека Македонија годинава ќе оствари највисока стапка на раст на БДП во Европа? Гледано од аспект на меѓународните финансиски институции, почнувајќи од ММФ преку СБ па до Економист интелиџенс јунит, тоа значи да бидете сместени во групата на т.н. „случајни проблесоци на третиот свет„. Имено, скоро сите овие институции имаат иста прогноза, која вели дека во периодот 2014 и 2015 година најголеми стапки на раст ќе имаат Папуа Нова Гвинеја со скоро 15%, а потоа следуваат Туркменистан, Конго, Лаос, Брегот на Слоновата Коска, Мозамбик, Танзанија, Шри Ланка и Конго. Друштвото е за респект во секој случај. Но, можеме да бидеме сигурни дека дури и во овие држави, владите не прогласуваат општонародна веселба во чест на ваквата статистика бидејќи знаат дека се и ќе останат едни од најсиромашните нации на светот. Кај нас тоа не е така, бидејќи оваа влада не научи да славиме и многу поголеми порази. Денес е сосема нормално и пристојна да се слави стапката на раст на БДП од 4%, посебно доколку само пред шест месеци нашата влада прогласи национален успех затоа што сме успеале „успешно„ да се задолжиме за пола милијарда евра. Ако сме единствена држава во светот која слави ново задолжување, тогаш е сосема оправдана и логична еуфоријата околу растот. Или, доколку министерот за финансии цел еден месец искажува огромно задоволство од одличниот одзив на 40.000 семејства кои се пријавиле дека неможат да си ги платат своите долгови и бараат отпис, тогаш врвен економски успех може да му биде и раст од 4%.  

Колку е споредбата на стапките на раст вулгарна, и колку не остава простор за поголемо самозадоволство, покажува фактот за тоа од која стартна позиција тргнуваме. Македонија (заедно со земјите од погоре наведеното друштво) всушност се споредува со држави кои гледано според нивото на економски развој се качени веќе на Месечината. Значи во просек над 380.000 километри погоре од нас. Имено, Македонија има БДП по глава на жител од околу 5.000 долари. Ние имаме понизок БДП пер капита од Србија, Перу и Ангола кои имаат 6000 долари, Црна Гора, Боцвана и Туркменистан со околу 7.000 долари, Либан, Малезија, Коста Рика и Мексико со над 10.000 долари, Барбадос, Латвија, Литванија и Чиле со околу 15.000 долари, потоа Франција, Германија, Белгија и Исланд со околу 45.000 долари, САД, Канада, Сингапур и Шведска со околу 55.000 долари, па се до Норвешка и Луксембург со БДП по глава на жител од околу 100.000 долари. Поточно, Македонија се наоѓа на оваа табела на 96-то место според БДП за 2013 година. (извор: IMF World Economic Outlook, October 2014). Секако, Македонија е и пред некои држави како Конго и Шри Ланка кои имаат 3.200 долари, Папуа Нова Гвинеја 2.000 долари, Брегот на Слоновата Коска со 1.300 долари итн. (Доколку се споредуваме и со БДП пер капита пресметан преку PPP – паритет на куповната моќ, Македонија се наоѓа на 84-тото место).

Сега, што од прилика значи кога владата ќе каже дека имаме најголема стапка на раст на БДП во Европа и пошироко? Ако имаме во предвид дека просечната стапка на раст која ја испорачала оваа влада во сите години на владеење изнесува под 3% ( во последните 5 години без 2014 таа е само околу 1,5%) ние едноставно можеме да кажеме дека сме успеале да се искачиме од нивото на Скопје до Средно Водно. Со различните статистички гимнастики во изведба на партизираните институции, да речеме и дека сме се качиле на врвот на Водно. Сме им се доближиле некои 600 метри на оние кои се на месечината. Тие кутрите таму се разочаруваат со некој раст од околу 0,2%. Но тие 0,2% на месечината значат дека овие „сироти„ нации веќе успеале да инсталираат сонда на кометата преку која го испитуваат Марс. Додека нашата влада прави национални прослави дека сме најдобри на планетава, другите веќе се подготвени да освојат друга планета.

Како и да е. На Македонија и се неопходни стапки на раст не помали од 8% или барем, одржливите стапки на раст како што беа во периодот од 2004 до 2008 година. Таков раст никогаш нема да се достигне доколку се потпреме на лон производството на катализатори, на носачи со благородни метали или нивни соединенија и сетови на проводници за палење и слично, за возила, авиони и бродови и сл. Додадената вредност во нив е само бедно платениот труд на домицилните работници. Оттаму, оној актер или можеби вистински странски менаџер кој му влегол во положение на пропагандниот апарат на власта околу спотовите за Законот за високо образование изгледа најбедно во целиот тој циркуз. Луѓето кои работат во овие компании лично ми кажувале дека единствените способности кои треба да ги поседуваш за да работиш во овие фабрики е да си издржлив како во филмот на Чарли Чаплин со бескрајната лента, и да знаеш да минуваш на семафор. И мене не ми беше јасно второто. Но нивната шега значи дека само треба да знаеш да не ги помешаш црвената, жолтата и зелената жица со соодветната нитна, и повторно и повторно и повторно така, најмалку осум часа за осум илјади денари месечно.

Кире Наумов

Posted in Uncategorized | Напишете коментар

Чоколадо и Мерцедес

Брегот на Слоновата Коска е еден од најголемите производители на какао . Оваа афричка држава произведува годишно околу 1,6 милиони тони какао. Жителите на оваа држава се фармери, на кои одгледувањето на какао им е основен извор на егзистенција пренесен од нивните претци. Од нивните прадедовци, па до денешните генерации, тие преживуваат како едни од најсиромашните луѓе на светот така што го продаваат својот род на какао и при тоа само слушнале дека од него се произведува нешто што се јаде и е многу вкусно. Верувале или не, но најголемиот број на фармери на какао никогаш во животот не вкусиле чоколадо. Илјадници од нив, од мали деца, па до својата смрт, од утро до вечер „црнчеле„ на плантажите на какао и никогаш не успеале да го вкусат скапиот и сладок производ наречен чоколадо. Мултинационалните компании за евтини пари откупиле милијарди тони какао од овие луѓе и го претвориле во скапи чоколадни производи, но луѓето кои ја произвеле основната суровина, умреле без да можат да си дозволат да вкусат нешто кое не би настанало доколку тие вредно не работеле по своите ниви. Оние кои не веруваат, можат лесно да го најдат на интернет хит-видеото за урнебесната реакција на овие фармери кога некој за прв пат ќе им даде да пробаат чоколадо.
Секако, Македонија е многу далеку од Брегот на Слоновата Коска. Тоа е така географски. Можеби изгледа така и кога зборуваме за какаото и чоколадите. Нашите претци не произведувале какао, ама сепак првпат пробале чооколадо тогаш кога пристигнувале првите пакети на американска помош после Втората светска војна. Во денешно време кај нас чоколадото и не е недостижен луксуз. Но приказната за Брегот на Слоновата Коска, какаото и чоколадото, кај нас се одвива на еден друг колосек. Имено, ако се продолжи со оваа политика на привлекување на инвестиции, нашиот пример ќе се вика: Македонија, автомобилски делови, мерцедес (ауди,БМВ…). Во Македонија започна да работи првата генерација на луѓе кои својот труд ќе го вградат во познатите марки на автомобили, но со сигурност до крајот на својот живот нема да можат со своите плати да заработат ниту за некое половно возило. Ваквата политика на однос кон странските инвеститори ќе ја зацементира истата судбина и на нивните деца, внуци и правнуци, слично како и на оние фармери од БСК.
Она што никако неможе и несака да го разбере оваа влада e дека странските вложувања треба да бидат само додаток на една здрава и растечка домашна економија , а не нејзин основен покренувач. Странските вложувања се основен покренувач на економијата во земји како Конго и Централноафриканската Република   каде во националните инвестиции  учествуваат со над 60%. Македонијакреира економски модел во кој преку глорифицирање на СДИ влегува во т.н. „замка на средна развиеност„ како што ја нарекуваат многумина автори . Во економската теорија тоа се опишува како модел на слепа улица во кој после периодот на краток и низок раст, се влегува во долгорочна стагнација од која неможе да се излезе.
Единствениот мотив за инвестирање во Македонија е врзан за  евтината работна сила ,поволниот даночен систем и повластувањата кои државата им ги дава на странците :директни финансиски трансфери , бесплатно земјиште и инфраструктура, послаба еколошка заштита и сл. (актуелните роуд шоуа се всушност промоција на ова). Во принцип , се нуди можност сите директни или индиректни трошоци за работа да бидат пониски отколку во развиените земји. Најчесто се работи за нови погони и, ако се реализираат, ефектот е брзо видлив. Но, колкав и да е ефектот, тој може да ја одведе земјата само од ниво на сиромаштија, до ниво на средна развиеност по што следува долготрајна стагнација на тоа ниво.
Проблемот со ваквите инвестиции произлегува од фактот дека тие остануваат само додека постојат поволностите што ги прават трошоците помали, отколку во некои други земји.Платите мора да останат ниски или во најмала рака пониски, отколку во други неразвиени земји. Бидејќи платите не растат, не се зголемуваат ни приходите од даноци и придонеси од плати. Непостоењето даноци на профит и другите поволности остануваат зацементирани засекогаш, бидејќи нивната промена значи ризик за селење на инвестицијата во друга држава. Биџетската каса останува празна. Најголем дел од профитот се пренесува во матичните земји. Најдобрите домашни кадри заминуваат во земјите каде што инвеститорот има нови инвестиции или во централата. БДП можеби ќе расте, но ефектот од таквиот раст не го чувствува домицилното населенит. (Катиќ, 2012).

Фактот дека скоро сите договори со странските инвеститори се тајна, остава простор за сомнеж дека тука се кријат и други субвенции и можна корупција. Фактот дека голем број од странските компании се подготвени да примаат вработени кои им ги доставуваат партиските комитети на ВМРО – ДПМНЕ и ДУИ, покажува отворен клиентелизам и „вкалкулиран„ рекет. Секако, круна на сето тоа е кога во одбрана на ниските плати во овие компании ќе се појави оној што е најмалку повикан, каков што е гувернерот на НБРМ. За да го одработи своето за оваа власт, Богов кој месечно инкасира најмалце 3 илјади евра ноншалантно изјавува: Странски директни инвестиции доаѓаат поради евтината работна сила, односно ниските плати. Ние не можеме да избегаме преку ноќ од тоа и тие веднаш да добиваат високи плати.
Некој сличен „налицкан„ тип ова истото им го кажал пред стотици години и на жителите на Брегот на Слоновата Коска, и тие сеуште чекаат. Тој таму највероватно бил странец-колонизатор, а овие се претставуваат дека се наши и дури дека се единствените патриоти кои пред се го сакаат својот народ.

Кире Наумов

(Колумната е објавена во Слободен печат, 06.12.2014)

Posted in Uncategorized | Напишете коментар

Проклета авлија – наша проклета денешница

„Ако сакаш да знаеш каква е некоја држава и нејзината управа, и каква им е иднината, гледај само да дознаеш колку во таа земја има чесни и невини луѓе по затворите, а колку злосторници и престапници се на слобода. Тоа најдобро ќе ти каже„
Така вели Иво Андриќ во својата „Проклета авлија„. Ова е едно од делата кое секој политичар мора да го прочита барем двапати. Еднаш додека не е на власт, а потоа и веднаш кога ќе дојде на власт. Во ова дело, кое (барем јас си признавам) е едно од потешките за читање, на „андриќевски„ начин се испреплетуваат животните приказни на неколку невини затвореници во цариградскиот затвор Депосито, познат меѓу народот како Проклета авлија. Во делото никаде не е опишано физичкото малтретирање врз затворениците кое се случувало во таквите затвори. Но, како што се сложуваат сите критичари, Андриќ и без тоа успева длабоко да ја допре трагичната состојба на секој затвореник. „Се добива визија за Проклетата авлија како пуст, осамен, ѓаволски остров, во исто време и визија на психички пекол во кој гори животот на изолиран, заплашен свет чии врски со слободниот живот се прекинати„ (П.Ј.)
Да, денес Македонија е Проклета авлија. Не велам дека и некогаш порано не била, ама денес е сигурно. Денешните властодршци, независно дали го прочитале делото или не, се водат од девизата на управникот на затворот Латифага, наречен Караѓоз. Кога било која власт се плаши од народот таа го „применува„ Караѓоз кој вели: „Полесно и подобро е сто невини да се уапсат и малтретираат, наместо за еден виновен да се трага по цариградските дупки. Бидејќи сите се криви, макар и во сон.„
И така е. Криви се сите оние кои денес се против оваа власт, независно дали се во затвор како Велија, Љубе, Кежо …, дали се лустрирани како Милчин, Ѓунер, Фрчко…, дали се политички активни како оние од СДСМ, дали можеби им текнало да прават ФБ собирања. Сите тие и илјадници знајни и незнајни, барем на сон помислиле нешто лошо за оваа власт. Нашиот Караѓоз, преку своите истражни и судски органи, преку лустраторите, или пак преку мултимедијалните режимски алапачи, за таквите секогаш има решение кое си го заслужуваат.
Иво Андриќ во своето дело не кажува експлицитно, но сосема е јасно дека од Проклетата авлија не е возможно физички да се побегне. Сепак, тој вели дека нема место за песимизам и борбата за слобода и правда никогаш неможе да замре. Во општества како нашето кое личи на Проклета авлија тоа е извонредно тешко. Секој што не е со власта денес е криминалец, лажен стечаец, лета со дрон во Грчка, има едно дете а два швалери, две деца а една швалерка,пуши пури, му смрдат нозете…
Но, излезот секогаш постои. Барањето на излезот е обврска на опозициските партии но, секој треба да има во предвид дека ниту една диктатура не ја срушиле само опозиционите политички партии. Без разлика колку да изгледаат слаби, радуваат граѓанските иницијативи. Можеби 50 до 70 учесници ви изгледаат само еден грст луѓе, но стравот кој го покажува власта од таквите собири ги охрабрува и оние кои апатично мислат дека ништо неможе да се смени.
А ќе биде многу тешко. Кај нас и самозапалувањето во знак на протест кон овој режим ќе биде сатанизирано и завртено во корист на власта. Еве, на пример, нека се самозапали некој опозиционер пред Собрание, и за да не му баксузирам на никој, тоа нека е авторот на овој текст. Вие најпрво ќе имате реакција од мултимедијалните режимски алапачи кои ќе вреснат:
– Видовте ли во каков раскош живеат тие лажни социјалдемократи? Каков е тој борец против сиромаштијата кога имал толку пари за бензин? Се полеал со две канти бензин, а ќе завршел работа и со една. Плус, дознаваме дека користел 98 – ца, а исто ќе изгореше и со 95 – ка, или со нафта.

Оние искрени (без наводници) опозициони или антивладини дејци (кои со право или не, сосема неважно, не се задоволни од раководството на СДСМ) ќе брујат по ФБ:
– Ма дај, ниту ни кажа на време што ќе прави, а плус погрешно му е и местото. Требаше да се самозапали пред Влада или евентуално пред Рекорд. Таму се прави тоа.

Секако најаналитичен ќе биде најаналитичарот кој ќе ги изреди Сител, МТВ, Канал5, Алфа…. и секаде ќе повтори:
– Ова е уште еден доказ дека опозицијата нема никаква стратегија. При тоа, се гледа дека ова е во духот на нивното владеење од 92 до 98. Тука уште еднаш се наѕира делото на нивните олигарси кои оставија толку стечајци. Знаете, не е толку голем проблем што потрошил толку бензин и тоа од скапиот. Истрагата на легитимните институции на власта кои за цело време функционираат беспрекорно бидејќи нема политичка криза, покажаа дека користел запалка од фирмата Дупон. Таква вреди од 300 до 400 евра. Сигурно му ја поклонил некој од тие нивните богаташи кои уште дрмаат со стопанството.
Итн,итн….

Кире Наумов
(Секој заинтересиран може слободно да го превземе текстот, со единствена замолница да биде наведен овој линк како извор. Благодарам.)

Posted in Uncategorized | Напишете коментар

Мерси Љубчо

И така лека полека, се расветлува една од најголемите политички гротески изведена пред десетина години во хотелот Панорама, во сценариo на Љубчо Георгиевски и Никола Груевски со наслов „Нож во грб„
Во овие две декади на плуралистичка Македонија, постоеле неколку политички заткулисни игри помеѓу различни политички фигури кои потоа ја креирале политичката сцена и судбината на граѓаните. За некои претпоставувам, како и многумина други, за некои сум слушнал од живите сведоци на таквите, а во една и сум бил нем набљудувач. За оваа последната ќе пишува некој од главните ликови во своите мемоари или пак набрзо актерите ќе си ја раскажат на јавна сцена. Но таа е само последица на фингираната „Панорама„ и затоа да се вратиме на неа.
Уште многу одамна сум кажувал јавно дека конфликтот помеѓу Груевски и Георгиевски е перфектно изведена политичка претстава со која на Груевски му се отвори патот да го прави тоа што ни го прави во овие 9 години. Кога уште во 2010, во предвечерието на коалицијата Црвенковски – Георгиевски го пишував тоа, никој не го разбираше сериозно. Највероватно тоа ќе биде и сега така. Но неважно. Логиката е следна.
Како што и самиот си призна на неколку наврати, Љубчо Георгиевски е среброљубец а многу помалце, или пак воопшто не и властољубец. Неговиот мандат тој го искористил за да стане богат како „просечен бизнисмен„ и тука ја исполнил својата агенда. По препорака на проверени советници тој го препознава својот наследник во банкарскиот службеник во Балканска Банка. Инако тоа е директна бугарска инвестиција во времето на СДСМ, која подоцна станува и сопственик на НПК. Во Груевски тој гледа пред се властољубец кој е подготвен како министер за финансии да аминува се и сешто додека тој не стигне до нивото на просечен бизнисмен. Задоволен од своето лично богатство, Георгивски почека две години за да види дали „прошла опасност„ и дали СДСМ ќе ги однесе јабана само Ламбевци, Војовци и слични Далаверци и заедно со својот пулен ја изведуваат операцијата „Панорама„. Целта е да од таа фингерајка, Груевски и новиот ВМРО – ДПМНЕ излезат невини ѓоа бебенце.
Панорама и се околу неа е најдобрата политичка претстава во овие 23 години. Ниту СДСМ, ниту свети СДСМ на власт, неможеше да му помогне на Груевски да ја превземе ВМРО – ДПМНЕ, доколку тоа не беше план на Груевски и Георгиевски. Георгиевски едноставно реши да собере заедно со себе се што е искомпромитирано од периодот 1998 – 2002, а на својот пулен да му остави невина партија со огромен партиски имот. (Македонска Банка е само мала шала во однос на остатокот). За разлика од искрената желба на Црвенковски кој по враќањето во СДСМ сакаше да биде громобран, ама закачен на погрешно место, на главата на СДСМ, Георгиевски реши да се постави далеку од ВМРО – ДПМНЕ, дури и формирајќи нешто под име ВМРО – НП. За фарсите подоцна, кога божем кокетираше со наивниот Бучковски и кога некој Трендафилов чинам беше, заборави да поднесе листи за парламентарни избори, ќе се потсетите сами.
За натаму е важно што тоа во принцип Георгиевски не се согласува со политиката на Груевски. Единствен проблем им е антиквизацијата. Со антиквизацијата се проблематизира словенското потекло на Македонците, а со тоа и нашите бугарски корени кои покрај среброљубието на Георгиевски му се втората најважна работа во животот. И толку. Сите изјави на Георгиевски во последните девет години кога се појави од нигде никаде, се темпирани и составени само да му донесат поени на Груевски. Како некаков опозиционер, а посебно во периодот на коалицијата со Црвенковски, изјавите за големи политички прашања секогаш биле одличен пенал за власта.
Од другата страна, Груевски ката дневно му кажува мерси на својот створител. Имаше такви наивчини кои беа спремни да се обложат дека веднаш по 2006, власта на Груевски ќе го пронајде она што неможел или несакал да го открие СДСМ во периодот до 2006 околу бизнисите на Георгиевски. Тоа се приказни за мали деца. Империјата на Георгиевски расте паралелно и со слично темпо како и малата група олигарси околу ВМРО – ДПМНЕ. Она што деновиве е интересно е фактот дека оваа скриена љубов сега се објавува и јавно. Најпрво Груевски му ја исполни деценијската желба на својот шеф кој поодамна сакаше да ја претвори Македонија во офф-шор пералница на Балканот. Георгиевски додуша го предлагаше Кипар како пример, ама и Линхтенштајн не е лош. Сега временски се споија интересите и на Груевски и на Георгиевски, и место да ги мавтаат парите низ белиот свет, ќе можат да си ги донесат тука при нас. Секако, фарсата со барокниот хотел е смешка во однос на тоа што се сработил и заработил Георгиевски во периодов на опозиционерскиве 9 години и надодал на иницијалниот капитал од просечен бизнисмен. Да, неговата раскалашеност, бахатост и расфрлање со пари е сосема на нивото на олигарсите околу ВМРО – ДПМНЕ кои јуришаат под девизата : „Покажи колку си ја сакаш државата така што ќе си ја купиш цела„

Кире Наумов

Posted in Uncategorized | 3 Коментари

И Ал Капоне го реши неговиот сметководител

Алфонс Габриел Ал Капоне можеби ќе живееше долго и ќе ја поседуваше пола Америка а пола ќе ја убиеше, доколку на недопирливите не им текна да го истресат неговиот сметководител. Тој ги раскажа сите негови финансиски малверзации и Капоне трулеше во затвор за евазија на данок се до пред својата смрт.

Приказната за Ал Капоне е интересна во моментов кога на секој нормален му станува нејасно како тоа Македонија е постојано со најголем раст во Европа и пошироко, а сепак и според признанието на гувернерот Богов, во последниве 5 години имаме просечна годишна стапка на реален раст на БДП од само 1,5%. ( со овааа стапка ни требаат над 40 години да го достигнеме европскиот просек на БДП пер капита, под услов Европа да има за цело тоа време нулта стапка на раст, односно да не чека).

Сметководителот секогаш е клучот на ваквите халуцинирачки состојби. Со малку трпение ќе видите како тоа функционира само во последните 9 месеци. Имено, податокот на ДЗС кој секогаш бомбастично се највува од владата и кој е редовно најголем во Европа, е памфлет кој трае само три месеци. Потоа, секој го заборава претходниот податок, и ДЗС и сервира на владата нов рекорд. За мало потсетување, реалниот раст на БДП се пресметува така што вредноста на сите произведени добра и услуги во тековниот период се споредуваат со оние од предходната година по постојани цени. ( кај нас по оние од 2005).

Па така, во март оваа година ДЗС излезе со податок за славје дека за 2013 растот на БДП изнесува 3,1% (во табелата заокружената бројка 103,1). Оваа бројка сеуште се појавува скоро кај сите меѓународни институции па дури и во последниот извештај на ЕК од деновиве. strana 7 DZS tabela 8 bdp 3 2014 Истовремено ДЗС кажува дека по квартали во 2013 растот изгледал вака:

1 квартал 2,6 (102,6)

2 квартал 3,5 (103,5)

3 квартал 3,0 (103,0)

4 квартал 3,2 (103,2)

Но после 3 месеци, во јуни 2014, сметководителот на Ал Капоне треба да одговори на ново барање. Имено, како и секогаш, сега веќе е потребна нова бројка за славење а тоа е рекорден раст на БДП во првиот квартал за 2014. Арно ама, затоа што како што знаеме, растот се мери во споредба на оној од претходната година, најелегантното решение е тој од претходната година да го корегирате надоле. Ги правите сите недоветни дека веќе никој не ги гледа резултатите за 2013, бројката 3,1 си ја завршила својата улога и ДЗС сега го намалува растот за 2013 на 2,9% и се слави новиот рекорд за раст на БДП од 3,9% за првиот квартал од 2014. (во табелата тоа се двете заокружени бројки.) strana 7 DZS tabela 8 bdp 6 2014 Истовремено, за да математички бројките имаат минимум логика, ДЗС ги менива и кварталните податоци за 2013, па тие веќе не се како погоре туку:

1 квартал 2,4 (102,4)

2 квартал 3,3 (103,3)

3 квартал 2,8 (102,8)

4 квартал 3,1 (103,1)

Но и тоа не е доволно. Ал Капоне не знае за доста. Доаѓа септември и потребен е нов рекорд на кој ќе ни се восхитува светот. Сметководителот продолжува. ДЗС излегува со податок дека во вториот квартал БДП пораснал за 4,3%. Но веќе нема ништо од славниот раст за 2013 од 3,1% туку тој сега е само 2,2%, а славниот раст од 3,9% за првиот квартал веќе е само 3,5% (тоа се зокружените бројки во табелата). strana 6 DZS 9 2014 Воедно сега веќе имаме нови намалувања на кварталите од 2013, па во првиот дури имаме и рецесионен податок, па така:

1 квартал   – 0,5 (99,5)

2 квартал 1,3 (101,3)

3 квартал 2,9 (102,9)

4 квартал 4,5 (104,5)

И тука сега за сега завршува славната 2013 и нејзините 3,1% раст, највисок во Европа. Тој си ја завршил својата улога во март и сега е само 2,2%. Исто како што и растот за првиот квартал од 3,9% си ја завршил работата во јуни и  во септември е 3,5%, и исто како што и овие 4,3% за вториот квартал ќе заминат во надолен заборав некаде околу нова година. При тоа, најголемиот апсурд е што ДЗС во март кога и го објави растот од 3,1% за 2013, објави дека номиналниот БДП за 2013 изнесува 7,7 милијарди евра. Во септември кога вели дека тој реално растел само 2,2%, ДЗС тврди дека номиналниот БДП е цели 8,2 милијарди евра. За оваа „алкапонијада„ во следната прилика.

И за да завршиме како што почнавме. Велат дека АЛ Капоне никогаш не си простил за тоа што иако убил стотици луѓе, не успеал да го убие најважниот за него. Својот сметководител.

Кире Наумов

Posted in Uncategorized | 1 Коментар