Проклета авлија – наша проклета денешница

„Ако сакаш да знаеш каква е некоја држава и нејзината управа, и каква им е иднината, гледај само да дознаеш колку во таа земја има чесни и невини луѓе по затворите, а колку злосторници и престапници се на слобода. Тоа најдобро ќе ти каже„
Така вели Иво Андриќ во својата „Проклета авлија„. Ова е едно од делата кое секој политичар мора да го прочита барем двапати. Еднаш додека не е на власт, а потоа и веднаш кога ќе дојде на власт. Во ова дело, кое (барем јас си признавам) е едно од потешките за читање, на „андриќевски„ начин се испреплетуваат животните приказни на неколку невини затвореници во цариградскиот затвор Депосито, познат меѓу народот како Проклета авлија. Во делото никаде не е опишано физичкото малтретирање врз затворениците кое се случувало во таквите затвори. Но, како што се сложуваат сите критичари, Андриќ и без тоа успева длабоко да ја допре трагичната состојба на секој затвореник. „Се добива визија за Проклетата авлија како пуст, осамен, ѓаволски остров, во исто време и визија на психички пекол во кој гори животот на изолиран, заплашен свет чии врски со слободниот живот се прекинати„ (П.Ј.)
Да, денес Македонија е Проклета авлија. Не велам дека и некогаш порано не била, ама денес е сигурно. Денешните властодршци, независно дали го прочитале делото или не, се водат од девизата на управникот на затворот Латифага, наречен Караѓоз. Кога било која власт се плаши од народот таа го „применува„ Караѓоз кој вели: „Полесно и подобро е сто невини да се уапсат и малтретираат, наместо за еден виновен да се трага по цариградските дупки. Бидејќи сите се криви, макар и во сон.„
И така е. Криви се сите оние кои денес се против оваа власт, независно дали се во затвор како Велија, Љубе, Кежо …, дали се лустрирани како Милчин, Ѓунер, Фрчко…, дали се политички активни како оние од СДСМ, дали можеби им текнало да прават ФБ собирања. Сите тие и илјадници знајни и незнајни, барем на сон помислиле нешто лошо за оваа власт. Нашиот Караѓоз, преку своите истражни и судски органи, преку лустраторите, или пак преку мултимедијалните режимски алапачи, за таквите секогаш има решение кое си го заслужуваат.
Иво Андриќ во своето дело не кажува експлицитно, но сосема е јасно дека од Проклетата авлија не е возможно физички да се побегне. Сепак, тој вели дека нема место за песимизам и борбата за слобода и правда никогаш неможе да замре. Во општества како нашето кое личи на Проклета авлија тоа е извонредно тешко. Секој што не е со власта денес е криминалец, лажен стечаец, лета со дрон во Грчка, има едно дете а два швалери, две деца а една швалерка,пуши пури, му смрдат нозете…
Но, излезот секогаш постои. Барањето на излезот е обврска на опозициските партии но, секој треба да има во предвид дека ниту една диктатура не ја срушиле само опозиционите политички партии. Без разлика колку да изгледаат слаби, радуваат граѓанските иницијативи. Можеби 50 до 70 учесници ви изгледаат само еден грст луѓе, но стравот кој го покажува власта од таквите собири ги охрабрува и оние кои апатично мислат дека ништо неможе да се смени.
А ќе биде многу тешко. Кај нас и самозапалувањето во знак на протест кон овој режим ќе биде сатанизирано и завртено во корист на власта. Еве, на пример, нека се самозапали некој опозиционер пред Собрание, и за да не му баксузирам на никој, тоа нека е авторот на овој текст. Вие најпрво ќе имате реакција од мултимедијалните режимски алапачи кои ќе вреснат:
– Видовте ли во каков раскош живеат тие лажни социјалдемократи? Каков е тој борец против сиромаштијата кога имал толку пари за бензин? Се полеал со две канти бензин, а ќе завршел работа и со една. Плус, дознаваме дека користел 98 – ца, а исто ќе изгореше и со 95 – ка, или со нафта.

Оние искрени (без наводници) опозициони или антивладини дејци (кои со право или не, сосема неважно, не се задоволни од раководството на СДСМ) ќе брујат по ФБ:
– Ма дај, ниту ни кажа на време што ќе прави, а плус погрешно му е и местото. Требаше да се самозапали пред Влада или евентуално пред Рекорд. Таму се прави тоа.

Секако најаналитичен ќе биде најаналитичарот кој ќе ги изреди Сител, МТВ, Канал5, Алфа…. и секаде ќе повтори:
– Ова е уште еден доказ дека опозицијата нема никаква стратегија. При тоа, се гледа дека ова е во духот на нивното владеење од 92 до 98. Тука уште еднаш се наѕира делото на нивните олигарси кои оставија толку стечајци. Знаете, не е толку голем проблем што потрошил толку бензин и тоа од скапиот. Истрагата на легитимните институции на власта кои за цело време функционираат беспрекорно бидејќи нема политичка криза, покажаа дека користел запалка од фирмата Дупон. Таква вреди од 300 до 400 евра. Сигурно му ја поклонил некој од тие нивните богаташи кои уште дрмаат со стопанството.
Итн,итн….

Кире Наумов
(Секој заинтересиран може слободно да го превземе текстот, со единствена замолница да биде наведен овој линк како извор. Благодарам.)

Posted in Uncategorized | Напишете коментар

Мерси Љубчо

И така лека полека, се расветлува една од најголемите политички гротески изведена пред десетина години во хотелот Панорама, во сценариo на Љубчо Георгиевски и Никола Груевски со наслов „Нож во грб„
Во овие две декади на плуралистичка Македонија, постоеле неколку политички заткулисни игри помеѓу различни политички фигури кои потоа ја креирале политичката сцена и судбината на граѓаните. За некои претпоставувам, како и многумина други, за некои сум слушнал од живите сведоци на таквите, а во една и сум бил нем набљудувач. За оваа последната ќе пишува некој од главните ликови во своите мемоари или пак набрзо актерите ќе си ја раскажат на јавна сцена. Но таа е само последица на фингираната „Панорама„ и затоа да се вратиме на неа.
Уште многу одамна сум кажувал јавно дека конфликтот помеѓу Груевски и Георгиевски е перфектно изведена политичка претстава со која на Груевски му се отвори патот да го прави тоа што ни го прави во овие 9 години. Кога уште во 2010, во предвечерието на коалицијата Црвенковски – Георгиевски го пишував тоа, никој не го разбираше сериозно. Највероватно тоа ќе биде и сега така. Но неважно. Логиката е следна.
Како што и самиот си призна на неколку наврати, Љубчо Георгиевски е среброљубец а многу помалце, или пак воопшто не и властољубец. Неговиот мандат тој го искористил за да стане богат како „просечен бизнисмен„ и тука ја исполнил својата агенда. По препорака на проверени советници тој го препознава својот наследник во банкарскиот службеник во Балканска Банка. Инако тоа е директна бугарска инвестиција во времето на СДСМ, која подоцна станува и сопственик на НПК. Во Груевски тој гледа пред се властољубец кој е подготвен како министер за финансии да аминува се и сешто додека тој не стигне до нивото на просечен бизнисмен. Задоволен од своето лично богатство, Георгивски почека две години за да види дали „прошла опасност„ и дали СДСМ ќе ги однесе јабана само Ламбевци, Војовци и слични Далаверци и заедно со својот пулен ја изведуваат операцијата „Панорама„. Целта е да од таа фингерајка, Груевски и новиот ВМРО – ДПМНЕ излезат невини ѓоа бебенце.
Панорама и се околу неа е најдобрата политичка претстава во овие 23 години. Ниту СДСМ, ниту свети СДСМ на власт, неможеше да му помогне на Груевски да ја превземе ВМРО – ДПМНЕ, доколку тоа не беше план на Груевски и Георгиевски. Георгиевски едноставно реши да собере заедно со себе се што е искомпромитирано од периодот 1998 – 2002, а на својот пулен да му остави невина партија со огромен партиски имот. (Македонска Банка е само мала шала во однос на остатокот). За разлика од искрената желба на Црвенковски кој по враќањето во СДСМ сакаше да биде громобран, ама закачен на погрешно место, на главата на СДСМ, Георгиевски реши да се постави далеку од ВМРО – ДПМНЕ, дури и формирајќи нешто под име ВМРО – НП. За фарсите подоцна, кога божем кокетираше со наивниот Бучковски и кога некој Трендафилов чинам беше, заборави да поднесе листи за парламентарни избори, ќе се потсетите сами.
За натаму е важно што тоа во принцип Георгиевски не се согласува со политиката на Груевски. Единствен проблем им е антиквизацијата. Со антиквизацијата се проблематизира словенското потекло на Македонците, а со тоа и нашите бугарски корени кои покрај среброљубието на Георгиевски му се втората најважна работа во животот. И толку. Сите изјави на Георгиевски во последните девет години кога се појави од нигде никаде, се темпирани и составени само да му донесат поени на Груевски. Како некаков опозиционер, а посебно во периодот на коалицијата со Црвенковски, изјавите за големи политички прашања секогаш биле одличен пенал за власта.
Од другата страна, Груевски ката дневно му кажува мерси на својот створител. Имаше такви наивчини кои беа спремни да се обложат дека веднаш по 2006, власта на Груевски ќе го пронајде она што неможел или несакал да го открие СДСМ во периодот до 2006 околу бизнисите на Георгиевски. Тоа се приказни за мали деца. Империјата на Георгиевски расте паралелно и со слично темпо како и малата група олигарси околу ВМРО – ДПМНЕ. Она што деновиве е интересно е фактот дека оваа скриена љубов сега се објавува и јавно. Најпрво Груевски му ја исполни деценијската желба на својот шеф кој поодамна сакаше да ја претвори Македонија во офф-шор пералница на Балканот. Георгиевски додуша го предлагаше Кипар како пример, ама и Линхтенштајн не е лош. Сега временски се споија интересите и на Груевски и на Георгиевски, и место да ги мавтаат парите низ белиот свет, ќе можат да си ги донесат тука при нас. Секако, фарсата со барокниот хотел е смешка во однос на тоа што се сработил и заработил Георгиевски во периодов на опозиционерскиве 9 години и надодал на иницијалниот капитал од просечен бизнисмен. Да, неговата раскалашеност, бахатост и расфрлање со пари е сосема на нивото на олигарсите околу ВМРО – ДПМНЕ кои јуришаат под девизата : „Покажи колку си ја сакаш државата така што ќе си ја купиш цела„

Кире Наумов

Posted in Uncategorized | 3 Коментари

И Ал Капоне го реши неговиот сметководител

Алфонс Габриел Ал Капоне можеби ќе живееше долго и ќе ја поседуваше пола Америка а пола ќе ја убиеше, доколку на недопирливите не им текна да го истресат неговиот сметководител. Тој ги раскажа сите негови финансиски малверзации и Капоне трулеше во затвор за евазија на данок се до пред својата смрт.

Приказната за Ал Капоне е интересна во моментов кога на секој нормален му станува нејасно како тоа Македонија е постојано со најголем раст во Европа и пошироко, а сепак и според признанието на гувернерот Богов, во последниве 5 години имаме просечна годишна стапка на реален раст на БДП од само 1,5%. ( со овааа стапка ни требаат над 40 години да го достигнеме европскиот просек на БДП пер капита, под услов Европа да има за цело тоа време нулта стапка на раст, односно да не чека).

Сметководителот секогаш е клучот на ваквите халуцинирачки состојби. Со малку трпение ќе видите како тоа функционира само во последните 9 месеци. Имено, податокот на ДЗС кој секогаш бомбастично се највува од владата и кој е редовно најголем во Европа, е памфлет кој трае само три месеци. Потоа, секој го заборава претходниот податок, и ДЗС и сервира на владата нов рекорд. За мало потсетување, реалниот раст на БДП се пресметува така што вредноста на сите произведени добра и услуги во тековниот период се споредуваат со оние од предходната година по постојани цени. ( кај нас по оние од 2005).

Па така, во март оваа година ДЗС излезе со податок за славје дека за 2013 растот на БДП изнесува 3,1% (во табелата заокружената бројка 103,1). Оваа бројка сеуште се појавува скоро кај сите меѓународни институции па дури и во последниот извештај на ЕК од деновиве. strana 7 DZS tabela 8 bdp 3 2014 Истовремено ДЗС кажува дека по квартали во 2013 растот изгледал вака:

1 квартал 2,6 (102,6)

2 квартал 3,5 (103,5)

3 квартал 3,0 (103,0)

4 квартал 3,2 (103,2)

Но после 3 месеци, во јуни 2014, сметководителот на Ал Капоне треба да одговори на ново барање. Имено, како и секогаш, сега веќе е потребна нова бројка за славење а тоа е рекорден раст на БДП во првиот квартал за 2014. Арно ама, затоа што како што знаеме, растот се мери во споредба на оној од претходната година, најелегантното решение е тој од претходната година да го корегирате надоле. Ги правите сите недоветни дека веќе никој не ги гледа резултатите за 2013, бројката 3,1 си ја завршила својата улога и ДЗС сега го намалува растот за 2013 на 2,9% и се слави новиот рекорд за раст на БДП од 3,9% за првиот квартал од 2014. (во табелата тоа се двете заокружени бројки.) strana 7 DZS tabela 8 bdp 6 2014 Истовремено, за да математички бројките имаат минимум логика, ДЗС ги менива и кварталните податоци за 2013, па тие веќе не се како погоре туку:

1 квартал 2,4 (102,4)

2 квартал 3,3 (103,3)

3 квартал 2,8 (102,8)

4 квартал 3,1 (103,1)

Но и тоа не е доволно. Ал Капоне не знае за доста. Доаѓа септември и потребен е нов рекорд на кој ќе ни се восхитува светот. Сметководителот продолжува. ДЗС излегува со податок дека во вториот квартал БДП пораснал за 4,3%. Но веќе нема ништо од славниот раст за 2013 од 3,1% туку тој сега е само 2,2%, а славниот раст од 3,9% за првиот квартал веќе е само 3,5% (тоа се зокружените бројки во табелата). strana 6 DZS 9 2014 Воедно сега веќе имаме нови намалувања на кварталите од 2013, па во првиот дури имаме и рецесионен податок, па така:

1 квартал   – 0,5 (99,5)

2 квартал 1,3 (101,3)

3 квартал 2,9 (102,9)

4 квартал 4,5 (104,5)

И тука сега за сега завршува славната 2013 и нејзините 3,1% раст, највисок во Европа. Тој си ја завршил својата улога во март и сега е само 2,2%. Исто како што и растот за првиот квартал од 3,9% си ја завршил работата во јуни и  во септември е 3,5%, и исто како што и овие 4,3% за вториот квартал ќе заминат во надолен заборав некаде околу нова година. При тоа, најголемиот апсурд е што ДЗС во март кога и го објави растот од 3,1% за 2013, објави дека номиналниот БДП за 2013 изнесува 7,7 милијарди евра. Во септември кога вели дека тој реално растел само 2,2%, ДЗС тврди дека номиналниот БДП е цели 8,2 милијарди евра. За оваа „алкапонијада„ во следната прилика.

И за да завршиме како што почнавме. Велат дека АЛ Капоне никогаш не си простил за тоа што иако убил стотици луѓе, не успеал да го убие најважниот за него. Својот сметководител.

Кире Наумов

Posted in Uncategorized | 1 Коментар

Така е, тази долг – не е долг

И порано, но посебно во последно време, многумина кажуваат што треба да биде првиот крупен чекор на новата власт по падот на овој режим.

Не знам дали знаете почитувани читатели, пријатели, властодршци (а пред се кумовската тајфа), но во поновата историја или поточно во последните 150 години, постојат неколку примери кога јавниот долг на некоја држава бил суспендиран или, пак, станал приватен долг на сатрапите кои претходно ја воделе некоја држава. Тоа најчесто се случувало кога по долгогодишно владеење на некои режими кои бескрупулозно ја задолжувале земјата, т.е. народот, доаѓало до промена на власта преку избори или преврати. Во сите такви случаи новите власти не признавале делови од долгот кој го направиле нивните претходници, а кредиторите секогаш барале меѓународна правна арбитража. Тука би навеле само еден пример во кој правната арбитража одлучила во корист на новата влада и го суспендирала долгот, што може да не наведе на размислување дали таков „спас“ може да побара и некоја наша идна влада.
Секако, најпознатиот случај во кој една држава била ослободена од плаќање на јавниот долг, е оној со Костарика. Во периодот до 1920 со Костарика владее диктаторот Тиноко, и неговата влада постојано се задолжува кај „Ројал бенк оф Канада“ и „Бритиш бенк“ при што одлуките за задолжувањето ги одобрувал самиот Тиноко и едниот од Домовите на Конгресот. Според Уставот на Костарика, во тоа време таков тип на одлуки морале да бидат донесени од страна на двата парламентарни домови. По падот на владата на Тиноко, новата влада на Костарика веднаш го оспорува овој долг како јавен, и одбива да го плаќа. Двете моќни банки поведуваат меѓународен спор во 1923 во кој како арбитар е назначен тогашниот претседател на Врховниот суд на САД и поранешен американски претседател Вилијам Тафт. Во своето објаснување на пресудата тој вели дека за да постои легитимен јавен долг потребна е јавност, односно каков било бенефит за народот на таа држава од таквиот долг. Во случајот со владата на Тиноко, не постои никаква корист за народот на Костарика од јавниот долг кој бил создаден во времето на неговото владеење, па тој арбитрира дека не постои суверен долг односно долг на државата, туку може да се зборува само за приватен долг на Тиноко, неговиот брат и некои други членови од владата. Интересно е и тоа што претседателот Тафт се откажал од примање на каков било надомест од трошоците кои требало да ги плати поразената страна (банките) нагласувајќи дека му е задоволство што учествувал и придонел во решавањето на вакви меѓународни спорови.

Покрај овој пример, веќе подолго време доктрината на спорни долгови станува призната во меѓународното право. За да се избегне произволното нивно третирање воспоставени се две основни правила. Најпрво новите влади треба да докажат дека долгот кој го оспоруваат не е реализиран за да се исполни некој јавен интерес и дека кредиторите биле свесни за тоа. Истовремено, обврска пак на кредиторите е да докажат дека средствата од дадените кредити биле користени за доброто на земјата должник. Ако кредиторите не можат да го докажат тоа пред меѓународниот трибунал, долгот станува неспроведлив односно не постои како обврска на државата, или пак станува приватен долг на водачите на режимот.

Задоволните кредитори на оваа власт можат да продолжат да си ги тријат рацете и да калкулираат  и идна заработувачка од крвта и потта на граѓаните кои ќе ги враќаат долговите кои во нивно име им ги потпишале Груевски и Ставревски. Ова погоре е само некогаш да не испадне дека не сме кажале.

Но, умни се тие, мислам на кредиторите. Знаат дека и кога ќе дојде до она погоре, кумовско – партиската олигархија има доволно имот и пари  за да си го наплатат долгот од нив како од приватни лица, исто како и од славниот Тиноко.

 

Posted in Uncategorized | 1 Коментар

23 години ПОРАЗ

23 години независност. 23 години кои можат да се опишат со само еден единствен збор кој на литературен македонски се спелува и чита како – ПОРАЗ.
После 23 години, на овој 8 септември ние мораме да си признаеме дека сме политички, морално, секако и воено, а пред се економски поразени. Ова е Македонија која слави годишници на независност повеќе од половина од битисувањето низ комунистичка СР Македонија, а нема храброст да го признае својот пораз. Ова е Македонија која неможе да разбере дека шансите да станеш држава не се повторуваат. Ова е Македонија која постојано е со една нога во Брисел и Вашингтон, а со друга во Москва, Пекинг и Анкара. Ова е Македонија која со една рака граба преку најекстремниот неолиберален капитализам а со другата рака дава како севернокорејскиот социјализам. Ова е Македонија која продава демохристијански вредности а гние во блуд и разврат. Ова е Македонија …
Ова е во принцип стерилна Македонија, која ослободена од сите прангии после скоро четврт век славна независност, денес неможе да замисли да изгради една ( со мали букви) рафинерија, железара, рек битола, тец неготино, стрежево…. Ова е Македонија во која политичките елити само знаеле да ги товат своите олигарси кои пак секогаш ги товеле пред нив своите политички елити кои и да се. Ова е самостојна Македонија која после 23 години независност и слобода, може да се пофали место со Кафетин, со Кафетин голд, колд, менструал или како и да е. Ова е самостојна Македонија која после 23 години независност и слобода може да се пофали место со газирана Пелистерка, со Пелистека обична. Ова е самостојнa Македонија која после 23 години независност и слобода ( еј, ги расипавме и тоа странцие кои демек вложиле) може да се пофали место со Скопско, со Горско у пластика….. (Имајте во предвид дека ова се едни од најдобрите компании кои успешно виреат уште од комунизмот до ден денес).
Ова е Македонија која е раскарана со сите околу себе, тотално изолирана, и сега е оставена да се кара внатре во себе. Ова е Македонија која поради странските полицајци несмее да се тепа со немакедонците кои се најмногу албанци, ама не е страшно ако тие се тепаат меѓу себе, та македонци, та албанци. Ова е Македонија која ја проколнува независността и пати по годините на ропството. Ова е МАКЕДОНИЈА која под чизмата на последната диктатура која можеби и прија, а неојаничарите се главни, признава дека единствен пат кога сите македонци живееле во една држава без граници, била Османлиската империја. (Османлиското ропство е одамна забранета историска лага, како што е и новиот резултат на Втората светска војна кој ни е секојдневие). За разлика од тоа, ЕУ неможе да биде творба во која сите македонци ќе живеат заедно бидејќи тогаш кој ќе ни биде крив!!!
Како и да е. На овој 23 годишен љубилеј на порази можам да завршам само со една предупредувачка реченица на застреланиот Зоран Џинџиќ „ Вие можете да земете аквариум и од него да направите рибља чорба. Ама од рибља чорба, неможете да направите аквариум. Готово е, рибите се сварени„
Затоа. Или многу бргу сите оние кои останавме во оваа Македонија ќе се обидеме да изгубиме минимум од она што мораме, и да добиме максимум од она што можеме, или највероватно има да не нема.
П.С.
Автотрот на овој текст, минорно, ама сепак допринел за сето ова погоре како близок соработник на премиерот и претседателот на РМ од 2003 до 2007, и од тоа нема бегање.

Кире Наумов

Posted in Uncategorized | Напишете коментар

Неојаничарите во сарајот на Груевски Паша

Можеби стварно калешата Анѓа пред некој век издржала анама да не бидне, ама таа не била далековида. Таа не знаела да претпостави дека таму на Босфорот ќе дојде нов султан, и денес еден куп нејзини потомци ќе се потепаат како да станат неојаничари – доброволци. И чудото да биде најголемо, првоборците кои денес викаат на цел глас „да живее султан Ердоган„ не се етнички турци ( а најмалку најклетото турче Ерол), не се ниту предавниците околу групацијата Сорос, не се ни (пази ваму) христијаните околу СДСМ, туку проверените и единствени патриоти, единствените правоверни христијани кои комотно се залегнати во сарајот на мини – пашата Груевски. За нивното политичко доброволно јаничарство, односно желбата да му служат на секој режим во Македонија, кажано е доволно. Прашањето е како денес тие му помагаат на овој режим, труејќи го јавниот простор кој целосно го окупираа, со пропагандата дека Скопје треба да пука од славје за победата на Ердоган.
Прво да расчистиме едно. Сите, па и јас, можам да ја сакам својата држава и народ, но истовремено од дното на душата да го презирам корумпираниот, клептомански режим кој владее веќе осум години. Исто така секој може да ја почитува и сака Турција и нејзиниот народ како еден од најголемите наши сојузници, но да го презира недемократскиот и во поново време империјалистички режим на Ердоган. Сосема истото важи и за ЕУ, САД и нивните граѓани и посебно за нивните влади.
Е сега, Турција и турскиот народ биле и останале најголемите подржувачи на Македонија од првите денови на нејзиното осамостојување. Македонија и нејзините граѓани секогаш знаеле тоа да го ценат. Но, денес, тоа никако несмее да значи замижување пред политиката на Ердоган и потклекнување пред неговиот империјализам кој некој овде сака да ни го продаде како пријатен и крајно корисен за Македонија „неоосманизам„.
Бидејќи знам дека неојаничарите кај нас не се недоветни, дека и оваа нивна прпаганда е само начин да се подржи и оправда начинот на владеењето на нивниот газда, само во неколку реченици да подобјасниме што тие прикриваат во своите беседи за добриот султан Ердоган. Најнапред, сакат тие да признаат или не, Ердоган и неговата политика до настаните на Таксим се директен проект на САД. Тоа нашите неојаничари најмногу ги боли, но за нас е најмалку важно. Во основа политиката на Ердоган пред се значи конечно закопување на политиката на Ататурк и реверзeн пат од фесови до цилиндер, и назад. Но и тоа не е толку важно колку што е значењето дека со оваа политика се напушта проектот на Ататурк за закопување на Османлиската империја која со векови била присутна и на овие простори, и повторно квалификување на Турција во сегашно и во идно време пред се на Балканот да ја одигра улогата на Османлиското царство. Тука никој не треба да биде наивен дека можеме да зборуваме за истата форма на обновување на оваа империја. Но секогаш имајте ја во предвид изјавата на министерот Давутоглу уште пред пет години во Сараево. При една забелешка на еден западен дипломат дека Турците наеднаш како со падобран се спуштаат на Балканот, Даватоглу одговара „ ние прво на коњи дојдовме на Балканот, и ако треба повторно така ќе се вратиме„. Уште тогаш сите, осван нашите неојаничари, знае дека длабински идејата за неоосманизмот на двоецот Ердоган – Даватоглу, не е ништо поразлична од идејата на османизмот. Секако, тој неможе да ги има своите појавни форми како во 14 или 15 век, но во својата суштина неосманизмаот е империјалистичка идеја, независно дали нашите неојаничари ќе ја нарекуваат тврда, мека, полумека или било каква друга манипулација со „тврдост„. Воедно, само нашите јаничари сакат да ја скокнат и тезата на Даватоглу дека отоманските векови на Балканот биле успешна приказна која сега треба да се обнови а луѓето од Балканот слободно и со задоволство тоа треба да го наречат неоосманизам. Воедно за Довутоглу никогаш и не постоеле јаничари и данок во крв, туку тоа било доброволна регрутација која значела напредик и успех за многу нетурци. (нашите неојаничари се добар пример сличен на Мехмед Паша Соколовиќ споменат и од Даватоглу).
Но нашите неојаничари го скокаат сето ова. Тие ни продаваат приказни за Ердоган како некој Чавез од Азија, кој наместо социјализам користи исламизам за добробитот на својот народ. При тоа се прават целосно недоветни и баарат сите да му аплаудираме на неговиот процес на демократизација на Турција. За тоа е говорено многу, но само еден податок зошто никој нормален во Скопје не треба да ја слави победата на Ердоган. На последните избори, три државни телевизии посветиле на кампањата на Ердоган над 540 минути, а на другите двајца кандидати цели 4 минути вкупно.
Значи сосема е јасно дека нашите неојаничари се подготвени да продаваат будалаштини од типот на барање спас од некаков западен империјализам во подршка на неоосманизмот. Но, нивното јаничарење во принцип е потикнато само од две работи. Прво, тоа се црните пари кои доаѓаат во Македонија преку различни канали а главен спонзор е режимот на Ердоган. Кутијата за чевли на директорот на една турска банка во која беа сместени милион евра за Македонија, е само мала епизода. Фактот дека власта не мрдна со прст околу ова покажува дека многу кутии за чевли се пренесени во овој период. Незавино што Иванов заедно со неговиот „универзитетски„ ангжман е главната алка тука, распределбата ја кажува првиот газда. Второ, неојаничарите во моделот на Ердоган гледаат рецепт за владеење, кој нивниот газда ќе треба да го копира се додека не доживее крунисување.
Затоа, Турција и турскиот народ ќе останат и за мене и за голем број граѓани на Македонија најголеми пријатели, а победата на Ердоган можат слободно да си ја слават нашити неојаничари заедно со нивните пандани во Сараево, Кабул, Дамаск, Бејрут …

Кире Нaумов

Posted in Uncategorized | 1 Коментар

„Македонска банка“ – слатко изгубена невиност

Независно од тоа уште колку години овој режим ќе биде на власт, уште колку години ќе ги контролира сите институции и медиуми, уште колку антивладини поединци и организации ќе отидат јабана на различни начини, ехото на аудио записот за случајот „Македонска Банка“ никој и никогаш нема да може да го уништи. Да, Зврлевски ни кажа дека и да било – не важи бидејќи е нелегално снимено, ако важи и е легално снимено – тоа е застарено, ама никогаш не кажа дека разговорот не е автентичен и дека тоа не е гласот на најчесниот и најневин лик на овие простори од Александрово па до денес, со име Никола Груевски.

Во принцип, самата афера „Македонска Банка“ и нема за цел барање на правна одговорност од главниот актер во неа. И врапчињата знаат дека евентуалното дело е застарено а ако продолжиме во стилот на Зврлевски, и да не е застарено, тука е Иванов кој најверојатно веќе го има потпишано документот за евентуална аболиција. Нервозата е затоа што „Македонска Банка“ го руши долгогодишниот пропагандистички труд со кој се изгради митот за строгиот и праведен татко на нацијата. Секако таа пропаганда не е измислица на делохранителите на Груевски и на самиот Груевски. Па така, да се потсетиме на два случаи, еден од подалечното и еден од поблиското минато.

„Пропагандата неуморно го истакнуваше како строг ама праведен татко на семејството, подготвен да се лиши од вообичаените човечки удобности и да деноноќно работи исклучиво за доброто на својот народ. Без оглед на честите критики за неговите потчинети и негативниот имиџ на „малите Хитлери“ – партиски функционери со кои луѓето дневно се сретнувале и од кои често биле незадоволни – самиот Хитлер меѓу масите бил доживуван како некој кој стои по страна од секташките интереси и материјалните обзири, а неговата несебичност делувала како контраст во однос на алчноста и корупцијата на неговите партиски главешини„ (Ian Kershaw, “How Hitler Won Over the German People”, Spiegel, 30.01.2008.)

За да биде чисто, тука говориме само за оној дел од пропагандата со која се глорифицира чесноста на овој татко на нацијата, без никакви алузии за споредба со неговата идеолигија и на оние што ќе следуваат надолу.

Е сега, за да бидам чесен и пред себе и пред Бога, рака на срце ама пред Никола постоеше и еден друг татко на нацијата со име Бранко кој беше чесен и посветен исклучиво на работата за доброто на народот ама беше опкружен со некој си Бузле, некој си Иљче, Свето, Штерјо, па и некој си Кире … ( нека ми простат споменативе а посебно неспоменатите) кои беа лошите момци за чии мангуплуци поима немал главниот. Крајот го знаеме. На крајот беше неважно дали постоеле мангуплуци или луѓето само изигрувале громобрани. На крајот стана сосема неважно дали тој знаел или не знаел. Дали нешто работеле под негова директива и со негова помош или самостојно. Сѐ му беше препишано нему и цената ја плати шефот и секако целата партија.

И конечно денес, актуелниот најнов и најчесен татко на нацијата може да биде наивен уште некое време дека препишаната пропаганда од погорниве ќе го остави вечно на тронот. Знаете, станува дебилно додека се движиме низ Скопје и Македонијава да слушаме низ шепот дека овој хотел, онаа зграда, оваа такси компанија, онаа парцела, онаа банка, оваа нова аквизиција на онаа добра фирма, онаа планина и што ли веќе не, е на некој си Орце, некој си Сашо, некој си Пелистерка со или без кумот, некој си … ( и тука нека ми простат споменатите а посебно неспоменатите).

Не ја бива таа работа. Исто како и погоре во текстот односно порано во историјата, сето тоа на крајот ќе му биде „препишано“ на Никола. Пред објавувањето на аферата „Македонска Банка“ тоа изгледаше невозможно. Денес, можеби царот не е целосно гол, ама е покриен само колку и неговиот Прометеј во Жена парк.
Џабе се тука и уставни промени, Монструм, Центар со или без Шиповиќ, евробврзница, поскапувања, и сѐ друго што ќе го смислат неговите делохранители. Целиот антирежимски блок независно колку ќе се ситни под притисок на се поизразената репресија, поткуп, па и можност за елиминација во секоја смисла, ќе биде насочен кон „Македонска Банка“ и евентуалните нови докази за изгубената невиност.

Како и да е. Јас сум заробеник на вадење на заклучоци од она што се случувало во минатото. Не дека секогаш сум погодувал користејќи го тој метод. Но, најмногу од сѐ сакам да промашам во ова следното. Овој режим влегува во деветата година од своето владење. Кога Милошевиќ влезе во тој тајминг, се случија Чурувија и Стамболиќ. Кај нас не мора да биде така. После следењето на светското првенство јавниот сервис нѐ натера повеќе да паметиме дека треба да правиме деца, отколку кој и како изиграл.

И бидејќи кај нас ништо не е случајно, убаво е да чуеме некоја убава вест, на пример дека како прав татко на нацијата, премиерот дава пример и очекува трето дете. И воедно, тогаш ќе мора да се свести дека тука живеат и многу други деца. Дека и тие сакаат да имаат убаво детство а подоцна и убав живот. А тоа не можеме да им го овозможиме со оставање на хипотеки од секаков вид, при што оние 500 милиони се ништо спрема она што можеме да им го оставиме како хипотека од нематеријален вид.

Затоа, доста е школско другарче. Ѓаволот ја однел шегата. Ќе биде предоцна, независно дали некои тоа ќе го почувствуваме посурово и веднаш, а некои подоцна. И кога не си на власт животот има голема смисла, верувај ми.

Кире Наумов

Posted in Uncategorized | Напишете коментар