Контрамитингаши

Важно е во секоја област да создадете повеќе задоволници од владината политика отколку незадоволни. И да имате партиски механизам да ги доведете на контрамитинг, па на незадоволните млекопроизводители од Пелагонија кои ре-шиле да го блокираат патот, нема да им пуштиме полицајци, туку ќе ги с`снеме задоволните тутунопроизводители; на незадоволните кумановски стечајци кога пак ќе дојдат да фрлаат јајца пред Влада, ќе им ги пуштиме задоволните стечајци на Стојан Стојанов да ги гаѓаат со јаболка

Имам неколку „пријатели“ кои се редовни читатели на мојата колумна (не знам дали затоа што им е интересна или им е некаква задача), кои редовно ме контактираат тогаш кога актуелново владеење во „демократска“ Македонија го споредувам со режимот на Милошевиќ. Обично муабетот е дека текстот е интересен, реален за ред работи (бла, бла, бла,), ама дека сето ова што ни се случува личи на Србија под Милошевиќ, е претерување од моја страна. Не мислам така, и со цел ризик дека и оние добронамерните ќе ме обвинат дека сум оптоварен со оваа паралела, и овој пат ќе потсетам на нешто што ни се случува, а е чиста копија на српскиот начин на владеење до 2000-тата.

Се’ до 5 октомври 2000 година единствено средство со кое опозицијата и противниците на власта се бореа против Милошевиќ беа јавните протести и митинзите. Во услови на целосна владина контрола на медиумите, целосна контрола над бизнисот и подземјето, клиентско-коруптивниот однос кон културата, спортот, граѓанскиот сектор, а посебно црквата (СПЦ) и академијата (САНУ), улицата беше единствено место каде што власта можеше да се критикува. Секако и тоа беше премногу за Милошевиќ. Многу брзо мораше да покаже дека тој е појак и на самите улици и оти не му е потребна полицијата за да го докаже тој факт. Затоа почна прво со прикриено, а потоа и со отворено организирање контрамитинзи. Прво тоа беа контрамитинзи во исто време, на иста политичка тема, но на различно место (опозицијата – на „Трг Републике“ на пример, а Милошевиќ – на „Ушќе“). Сведоците на тие времиња велат дека белградските домови беа празни во тие денови бидејќи децата беа на едниот, а нивните родители, дедовци и баби на другиот митинг. Но најстрашното доаѓаше кога „спонтано“ приврзаниците на Милошевиќ ќе решеа да им покажат на оние „издрогирани, потплатени и, најважно од се’, безбожни педери и курви“ собрани во центарот на Белград, кој е вистинската Србија. Денеска се знае дека во десетгодишното митингување во Србија, трипати повеќе митингаши настрадале од тупаниците и мотките на Милошевиќевите контрамитингаши отколку од пендреците на неговите полицајци. Едноставно полицијата не реагираше на ваквите спонтаности. Таа реагираше само тогаш кога во некоја улица распоредот на силите беше таков што контрамитингашите можеби ќе го јадеа ќотекот од „дрипците“. И се’ така цели 10 мачни години. Се’ додека не осамна 5 октомври, кога Милошевиќ не можеше да најде ниту еден кандидат за контрамитинг, а митингаши имаше милион.

И ајде сега да видиме, мои пријатели. Се сеќавате ли на најавениот собир на оние „дрипци“ од некаков си „Плоштад Слобода“. Се сеќавате ли на спонтаното собирање на „вистинските Македонци“ кои дојдоа да им покажат кој е вистинската православна Македонија. Се сеќавате ли на оклештеното лице на некојси прота Стојко (или така некако) додека натепаните „антихристи“ бегаат по плоштадот. Ги видовте ли храбрите полицајци како раздвојуваат. Го слушнавте ли потоа еден од најмладите владици (за кој, почитувајќи ја догмата на Црквата, очекував да биде најпрогресивен, без разлика што тоа значи) како натепаните ги нарекува милитантни атеисти. Па не, нема потреба да се сеќавате бидејќи како доаѓа пролетта тоа ќе станува наша секојдневна слика. Влегуваме во период на митинзи и контрамитинзи.

А свесно или несвесно, теренот за тоа е целосно подготвен. Клиентизмот со кој се служи оваа власт (за овој политичко-уметнички правец следниот пат) е копија на она од погоре. Важно е во секоја област од општественото живеење да создадете повеќе задоволници од владината политика отколку незадоволни. И секако да имате партиски механизам како да ги доведете на контрамитинг. И така, на незадоволните млекопроизводители од Пелагонија на пример, кои решиле да го блокираат патот, нема да им пуштиме полицајци, туку ќе ги с’снеме задоволните тутунопроизводители; на незадоволните кумановски стечајци кога пак ќе дојдат да фрлаат јајца пред Влада, ќе им ги пуштиме задоволните стечајци на Стојан Стојанов да ги гаѓаат со јаболка; или пак на незадоволните дуќанџии од ТЦ „Бисер“ кои поради зонското паркирање немаат промет и ги затвораат дуќаните и решиле да протестираат и да го блокираат булеварот, ќе им ги спротивставиме задоволните станари од околните згради и булеварот ќе стане прооден, или пак на незадоволните кафеанџии од Законот против пушењето ќе им ги истопориме задоволните кафеанџии во чии објекти функционерите јадат, пијат и спијат, и протестот ќе пропадне, или…

И веднаш да ви кажам. Кога на сето тоа ќе ја додадете полицијата, која секогаш ќе реагира само „во рамките на своите законски овластувања“, најверојатно секаде „ќе победите“. Знаете, едно е кога пред себе имате само кордон полицајци што знаат дека од таа униформа ја хранат својата фамилија и тоа ќе треба да го прават до своето пензионирање (значи и во некои идни, како и претходни влади). Стравот кај сите митингаши од полицајците е голем, но секогаш знаат дека тие луѓе во примената на сила ќе одат најчесто само дотаму до каде значи извршување на нивната задача, како на пр. разбивање на собирот. Но кога од другата страна имате нас’скана и разјарена толпа, која се чувствува дека има пас од власта да ве разбие како антидржавен елемент и уништувач на нивниот добар живот, имате противник што е подготвен на се’. Стравот од таквите станува парализатор на идните евентуални митинзи. А тоа е всушност главната и единствена цел на организаторите на контрамитинзите.

На крајот, мора да се знае. Ниту еден незадоволен граѓанин денес не смее да помисли дека некој друг, па ни опозицијата, ќе му ја „заврши работата“. На опозицијата, пак, не смее ни на крај памет да и’ падне дека некој друг, па ни се’ помногубројните незадоволни граѓани, ќе и’ ја донесат власта на тацна. Се’ додека и едните и другите се плашат од власта, глумат спонтана а не отворена соработка, не се канат меѓусебно ама стојат настрана на исти места по исти теми, организаторите на контрамитинзи тренираат и увежбуваат „сите во одбрана и заштита“ на ваква Македонија.

This entry was posted in Uncategorized. Bookmark the permalink.

Напишете коментар